АМАН пред МРТ: Тие не ни доаѓаат, ете ние им дојдовме
- Детали
- Категорија: Вести
- Објавено на 19 Септември 2012
- Напишано од Petrit Saracini
- Посети: 1589
Стотици граѓани протестираа по шести пат низ улиците на Скопје против поскапувањата на горивата, струјата и парното греење. Освен ЕВН, Регулаторната комисија, Парламентот и ССМ, на маршрутата на протестите организирани од граѓанската инцијатива АМАН овој пат се најде и МРТ- избрана како крајна дестинација на овој протест.
Поворката ја предводи „сто-кец“. Протестантите се решени да го туркаат до МРТ, оти, како што велат, скап е бензинот. Освен активистите на АМАН, на протестот се забележуваат многу возрасни граѓани, пензионери, млади, интелектуалци, работници, уметници, стечајци, новинари – од сите националности. „Социјална правда“, „Лебот ни го зедовте“, „Нема правда - нема мир“, „Доста поскапувања“ и варијации на темата „лопови-ајдуци-апаши“, се најчестите извици на демонстрантите. Пред Мавровка, и одејќи по булеварот накај МРТ, демонстрантите извикуваа на албански и на македонски јазик: „Ејани ме не/ дојдете со нас“, „Башк ме т форт / Заедно сме посилни“.
Пред МРТ - силни извици на негодување и свирежи. „Доста беше молк“, парола која беше често употребувана на овие и на други граѓански протести организирани во изминативе неколку години, се чини дека одекна најсилно токму пред зградата на јавниот радиодифузер.
Во АМАН велат дека се разочарани од целосното игнорирање на протестите и граѓанската иницијатива од страна на МРТ, за којшто, потсетија, се финансира од парите на граѓаните. „Не игнорираат. Не ни даваат поддршка. Не ни доаѓаат на протести. Не праќаат екипи да ги покријат протестите. Епа ако не ни доаѓаат, ете ние им дојдовме. Да видиме дали и сега нема да известат за протестот“, рекоа иницијаторите на протестот пред насобраните демонстранти.
Граѓаните здружени во оваа иницијатива се категорични - протестот продолжува секој вторник, се до исполнување на барањата.



